Top Sport

Повеќе од 250 илјади луѓе го испратија Пеле до последното почивалиште

Ковчегот во кој почиваат смртните останки на Пеле патуваше низ улиците на Сантос кон неговото последно почивалиште во гробницата, каде ќе се одржи погреб за членовите на семејството. Утрово заврши 24-часовното бдеење, по што започна поворката низ улиците на Сантос.

Поворката тргна од стадионот на Сантос, домот на поранешниот клуб на Пеле, а неговиот ковчег потоа мина крај домот на неговата стогодишна мајка Селесте Арантес, која не е свесна за смртта на нејзиниот син.

Противпожарното возило кое го носеше ковчегот на Пеле накратко застана пред неговата куќа, а сестрата на Пеле во солзи гледаше од балконот. Поворката заврши до гробницата.

Повеќе од 250 илјади луѓе му оддадоа почит на бразилскиот фудбалски мајстор кој почина на 29 декември откако долго време водеше битка со рак на дебелото црево.
Меѓу ожалостените беше и новиот бразилски претседател Луис Инасио Лула да Силва.

„Пеле е неспоредлив, како фудбалер и како човек“, изјави бразилскиот претседател Лула, кој на стадионот пристигна со хеликоптер. Тој стоеше околу 30 минути до ковчегот на Пеле, обвиен со бразилското знаме, на центарот на фудбалското игралиште на Сантос.

Луѓето формираа долги редици пред стадионот на Сантос, чекајќи и по три часа за да му оддадат почит.

„Да живее кралот“, гласеше огромен транспарент на стадионот.

Наречен „крал на фудбалот“, Пеле играше за Сантос од 1956 до 1974 година, постигнувајќи повеќе од 1.000 голови.

На поворката долга седум километри се собраа илјадници луѓе кои сакаа за последен пат да се простат од најдобриот фудбалер на сите времиња.

„Тој беше најголемиот играч на светот и вреди да се биде овде“, изјави 77-годишната Марија Бенедита за АФП.

„Да кажам дека не плачев кога умре, ќе излажам“, додаде Антонио Карлос Переира да Силва.

Пеле беше на хемотерапија откако му беше отстранет туморот на дебелото црево во септември 2021 година. Последните недели неговата состојба се влоши, а три дена пред крајот на минатата година стигна веста за неговата смрт.

Scroll to Top