Главна вест во САД е убиството на црномурниот Џорџ Флојд во Минеаполис од страна на полициски службеник. Убиството повторно ја актуализира темата за третманот што го имаат афро-американците од страна на полицијата. Еден од првите спортисти кој го крена гласот против таквиот третман пред четири години беше Колин Каперник.
Каперник пред четири години беше играч на Сан Франциско Фортинајнерс, во знак на протест пред почетокот на секој натпревар, додека се интонираше американската химна, тој клекнуваше на едно колено. Поради тоа тој набргу доби отказ од клубот и повеќе не успеа да најде ангажман.
Проблемот на кој укажуваше Каперник повторно се актуализира деновиве по убиството на Флојд, а овој пат се прошири и на европскиот континент.
Маркус Турам, син на легендарниот француски фудбалер Лилијан Турам, постигна два гола против Унион Берлин во победата на Борусија Менхегладбах од 4:1. Вториот гол Турам го прослави во стилот на Каперник, клекнат и со наведната глава.
Неколку часа подоцна внимание предизвика и младата ѕвезда на Борусија Дортмунд Џејдон Санчо. Тој постигна хет-трик во победата на својот тим во Падерброн од 6:1. Прославувајќи го вториот од трите гола Санчо го соблече дресот под кој имаше натпис. „Правда за Џорџ Флојд“.