Компанијата „Гаспром“ пред фудбалерите на „Вардар“ го презентираше проектот „Фудбал за пријателство“, заедно со учесниците од Македонија. Јордан Минов од „АПРА Портер Новели“ вели дека во проектот учествуваат 211 деца од светот кои на овој начин ги презентираат вредностите на пријателството.
Тие со централата на „Гаспром“ во Москва за учесници од Македонија ги избрале Максим Цониќ за млад фудбалер и Ева Јакимовска за млад новинар.
„Целта на проектот е да се подобри младинскиот фудбал. ‘Алките за пријателство’ се главниот симбол на овој прокет. Тие имаат две бои, зелената боја е за тревата, а, пак, сината за небото. Пресреќен сум што ќе одам во Москва, едвај чекам да патувам. Шансата што ја дава ‘Гаспром’ е една во животот. Мојата цел е да станам фудбалер и да настапувам на светско првенство“, вели Цониќ, млад фудбалер кој ќе го промовира проектот „Фудбал за пријателство“.
Промовирањето на вредностите преку проектот, како и информациите за настаните што се организираат ќе го прави Ева Јакимовска. Таа вели дека стекнувањето нови пријатели, дружењето и искуствата се најважи работи кои ќе ги добие со учеството.
„Јас учествувам во проектот ‘Фудбал за пријателство’, организиран од ‘Гаспром’ заедно со ФИФА. Преку проектот ќе ги промовираме чесноста, праведноста, пријателството, традицијата, но и здравјето“, вели Јакимовска.
Спортиската Наташа Мешковска најави пред фудбалерите на Вардар дека Ева и Максим заедно со целата делегација од Македонија ќе бидат дел од отворањето на Светското првенство во Москва, а ќе го проследат и првиот натпревар.