„Проектот рестарт“ на Премиер лигата влегува во нова фаза, откако клубовите изгласаа дека ќе се вратат на тренинзи уште од утре по неколку недели преговори.
Фудбалерите во повеќето клубови веќе се вратија на индивидуални тренинзи, но сега ќе им биде дозволено да се тренираат во групи по пет играчи доколку се придржуваат до правилата за социјално дистанцирање.
„Акционерите на Премиер лигата денеска едногласно ја усвоија одлуката за враќање на тренинзи во мали групи од утре попладне, што е прв чекор за рестартирањето на Премиер лигата, кога ќе се создадат услови. Првата фаза е направена во соработка со фудбалерите, менаџерите, лекарите на клубовите и владата. Стриктни медицински протоколи ќе мораат да бидат почитувани, бидејќи здравјето на сите учесници е најважно“, се вели во објавата од Премиер лигата.
Контактните тренинзи уште се забранети, додека корнер-знаменцата, головите и подлогата ќе биде дезинфицирана по секоја тренинг сесија. Фудбалерите ќе одат на тестови за корона вирус двапати неделно и пред секој тренинг ќе им биде мерена температурата.
Други правила во првата фаза се патување индивидуално на тренинг, без користење на јавен превоз и тимско возило. Секој фудбалер ќе добие документ во кој се објаснуваат тренинг-сесиите кои ќе траат максимум 75 минути.
Се очекува Премиер лигата да се рестартира во втората половина од јули, а сезоната да трае максимум до крајот на август.