Претседателот на УЕФА, Словенецот Александер Чеферин се приклучи на добротворната иницијатива „Заедничка цел“ на Хуан Мата и се обврза да даде 1 отсто од својата плата за добротворни цели.
Играчот на средниот ред на Манчестер јунајтед, Мата ја почна иницијативата во август, велејќи дека неговиот финансиски успех мора да донесе добро и за другите луѓе по посетата на Индија. „Заедничка цел“ е фондација која ја води организацијата „Стритфудбалворлд“ од Берлин и која инвестира во 120 фудбалски добротворни организации во 80 земји.
„Верувам дека фудбалот има моќ да го менува светот и бев инспириран од Хуан Мата и неговото движење. Фантастично е да се види фудбалер со таква идеја бидејќи фудбалерите добиваат многу од спортот и сега даваат нешто назад. Барам од сите во фудбалското семејство – играчите, тренерите, клубовите и лигите, да покажат дека се социјално одговорни и да донираат во фондациите во кои веруваат“, вели Чеферин.