Холандскиот фудбалер Квинси Промес (33) е уапсен во Дубаи и наскоро треба да биде екстрадиран во неговата земја, каде што беше осуден на 7,5 години затвор.
Според холандските медиуми, полицијата во Дубаи извршила рација во станот на фудбалерот во четврток вечерта, Квинси бил уапсен и притворен и наскоро ќе биде екстрадиран во Холандија.
Правниот застапник на играчот, Кам Полат, потврди дека неговиот клиент е приведен, но одби да даде повеќе информации за случајот.
Во исто време, холандскиот новинар Јероен Каптејнс има информации дека Промес ќе биде испратен на отслужување на повеќегодишна казна што е можно поскоро.
„Се очекува многу наскоро да биде екстрадиран во Холандија. Мислам дека ќе биде испратен директно во затвор“, рече тој.
Апсењето на Промес се случи два дена откако Судот во Амстердам го отфрли барањето на играчот и неговите претставници за суспендирање на одлуката за негово апсење.
Промес сакаше Судот да му дозволи слободно движење за да може непречено да ја продолжи кариерата.
За потсетување поранешниот фудбалер на Спартак Москва беше осуден на шест години затвор во февруари 2024 година за учество во шверц на повеќе од еден тон кокаин што пристигна во пристаништето Антверпен.
На неговата основна казна му беше додадена година и пол за вооружен напад врз неговиот брат.
Промес пристигна во Дубаи додека сè уште беше фудбалер на Спартак, таму доживеа сообраќајна несреќа, по што беше уапсен и му беше забрането да ја напушти земјата. Во меѓувреме, го раскина договорот со рускиот клуб и потпиша за второлигашкиот клуб Дубаи Јунајтед.