Top Sport

Проблеми за Леванте, ќе останат без голманот поради изборите во Шпанија

Потполна неверојатна ситуација, барем за наши прилики, му се случува на Леванте, клубот каде успешно настапува нашиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди.

Леванте би можело да остане без голман за неделниот првенствен натпревар кај Атлетик во Билбао, ден кога во Шпанија се закажани парламентарни избори.

Аитор Фернандес, првиот чувар на мрежата на клубот од Валенсија е избран во Комисија за конрола на избирачките места во родниот град Мондрагон, поради што би можел да го пропушти мечот.

Информациите кои доаѓаат од Шпанија се дека тој е на листата со резервни членови на Комисијата кои мораат да се појават и да видат дали тој ден е потребна нивната помош.

Во Шпанија учествувањето во ваков вид контрола е граѓанска должност, а секој кој сака да ја избегне мора да приложи документ за да го оправда отсуството. Клубот го сторил тоа, но локалната Комисија ја одбила молбата.

Да биде ситуацијата за Леванте уште потешка, вториот голман Ојер Оласабал е повреден.

„Клубот прави се да не морам во недела да се појавам на изборите. Моментно сум фокусиран на мечот и сигурен сум дека ќе бранам. Ако треба сабота вечер ќе преспијам дома, наутро ќе бидам на избирачко место, а потоа со автомобил ќе одам на `Сан Мамеш`“ – рече Фернандес.

Интересно, неговиот соиграч Хорхе Мирамон исто така требало да се појави на избирачко место во родната Сарагоса, но тој добил дозвола да игра.

Scroll to Top