Top Sport

Проблеми за Њукасл – договорот со Лингард пред колапс, Лион не го пуштаат Гимараеш

Њукасл јунајтед, новиот најбогат клуб на светот, е еден од најактивните на јануарскиот фудбалски пазар, но два договори кои се веруваа дека се завршени, засега се „заглавени“.

Договорот со Манчестер јунајтед за трансфер на Џеси Лингард е пред „колапс“, јавува „ЕСПН“, откако „ѓаволите“ не сакаат да дозволат позајмица бидејќи тој има само уште шест месеци од договорот со клубот. Тие бараат Њукасл да ги исплатат сите плати на Лингард, да добијат бонус за трансферот и во исто време да им биде гарантиран бонус доколку Њукасл успее да опстане во Премиерлигата.

Од друга страна, Јунајтед дозволија Антони Марсијал (кој има договор до 2024), да замине во Севилја на позајмица без шпанскиот клуб да плати било каква сума. Според „ЕСПН“, доколку не успеат со Лингард, Њукасл ќе тргнат по Деле Али од Тотенхем.

Во исто време, Лион „категорички“ демантираше дека има договор со Њукасл за продажба на Бруно Гимараеш, иако Њукасл му нудат четири пати поголема плата од таа во францускиот клуб. Бразилецот во моментов е во Еквадор каде што се подготвува за меч на неговата репрезентација и Њукасл исто така не се подготвени да се откажат до крајот на преодниот рок во понеделник.

Scroll to Top