Антони Марсијал и Џеси Лингард се повредени и ќе отсуствуваат од терените барем три недели, оставајќи го менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солксјер без двајца клучни фудбалери пред дуелот со Челси во ФА купот и со Ливерпул во Премиер лигата.
Лингард и Марсијал беа извадени од игра во мечот од Лигата на шампионите против Пари Сен-Жермен, кој „ѓаволите“ го загубија дома со 0:2 и имаат повреда на бутните мускули. Јунајтед во понеделник игра во петтото коло во ФА купот со Челси, додека на 24 февруари го играат големото дерби со Ливерпул на домашен терен.
„Мислам дека двајцата ќе бидат во аут две-три недели. Во младиот тим го имаме 17-годишниот Мејсон Гринвуд, кој ќе добиеше шанса, но за жал и тој е повреден. Понекогаш среќата не те служи, но сигурен сум дека Мејсон ќе добие шанса“, објасни Солксјер.
Овие повреди значат дека Солксјер ќе им даде шанса на Ромелу Лукаку, Алексис Санчез, но и на Тахит Чонг и Анхел Гомеш.
„Шанса за тие кои ќе играат, Алексис, Ромелу, Чонги или Анхел. Како и да е во понеделник ќе имаме тим“, додава Солксјер.
Фото: ЕПА