Шпекулациите околу тоа кое ќе биде првото засилување на новиот менаџер на Манчестер јунајтед, Ерик Тен Хаг продолжуваат во англиските медиуми и по Френки де Јонг од Барселона, прва желба на Холанѓанецот е Н’Голо Канте од Челси, тврди „Дејли мирор“.
Тен Хаг, кој потпиша тригодишен договор со „ѓаволите“, според очекувањата, треба да предводи „ремонт“ на тимот на „Олд Трафорд“ со голем број заминувања, но и пристигнувања во клубот. Средината на теренот е првиот проблем на Тен Хаг, бидејќи од клубот заминуваат Пол Погба и Немања Матиќ и потребен му е искусен фудбалер, како 31-годишниот Канте, кој има уште една година од договорот со Челси и би можел да биде достапен ако новиот газда на „сините“, Тод Бели одреди повисок буџет за трансфери во клубот.
„Сан“, пак, тврди дека Манчестер сити, а не Јунајтед е најверојатно новата дестинација за ѕвездата на Барселона, Френки де Јонг и покрај неговата поранешна соработка со Тен Хаг. Нивните извори тврдат дека каталонскиот клуб е подготвен за договор со Сити, но дека го бараат Рахим Стерлинг или Бернардо Силва како замена.