Пари Сен-Жермен им се приклучи на Аталанта и на РБ Лајпциг како трет четврт-финалист во Лигата на шампионите, откако со 2:0 на „Паркот на принцовите“ беше подобар од Борусија Дортмунд, која не успеа да ја заддржи предноста од 2:1 од домашниот меч.
Европскиот шампион Ливерпул, пак, дома ја неутрализираше предноста од 0:1 на Атлетико Мадрид, но бидејќи резултатот е идентичен од тој од првиот меч, на „Енфилд“ ќе се играат продолженија.
Во Париз, дефанзивниот план на Борусија Дортмунд се „распадна“ во првото полувреме, откако прво Нејмар во 28. минута со гол од глава донесе 1:0 водство за „светците“, за пред крајот на полувремето, Пабло Сарабија одлично да нафрли, а Хуан Бернат да ја уфрли топката во мрежата на гостите.
Во второто полувреме, „милионерите“ имаа поангажиран пристап и тргнаа во напад, но одбраната на ПСЖ беше солидна и не дозволуваше Санчо и Халанд во нападот да претставуваат голема опасност. Килијан Мбапе, за кого вчера се тврдеше дека бил на тест за корона вирусот, сепак, беше доволно подготвен за игра и влезе во 67. минута.
Во Ливерпул пак, Атлетико за малку ќе постигнеше гол во првите 15 секунди од мечот откако Жоао Феликс одлично го најде Коста, но топката помина покрај голот. По ова, Ливерпул ја имаше топката во своите нозе, но повеќето обиди завршуваа со одлични интервенции на Облак на голот. Кога се мислеше дека планот на Диего Симеоне се одвива совршено, во финишот на полувремето, „џокерот“ Георгинио Вајналдум доби одлично нафрлање од Окслејд-Чембрлен, за од пеналтикот со глава да го совлада Облак.
Салах и Окслејд-Чембрлен го почнаа второто полувреме со две убави шанси, но Облак повторно беше на место, пред во 60-тата минута, „јорганџиите“ за малку да го постигнат драгоцениот гол во гости, кога по ударот на Жоао Феликс, Кореа беше во фантастична шанса. Само шест минути подоцна Енди Робертсон ја погоди гредата, а Салах во 87. минута беше најблиску до голот, а за одбележување беа и двата обиди на Мане со ножички.