Финалето на Лигата на шампионите покрај спортскиот аспект, носи и значајни финансиски придобивки за клубовите. Со воведувањето на новиот формат на натпреварувањето и промените во распределбата на приходите, овогодинешните финалисти Интер и ПСЖ остварија најголема заработка по сезона во историјата на ова натпреварување.
Натпреварот ќе се игра вечерва во 21:00 часот на стадионот „Алијанц Арена“ во Минхен. Победникот, заедно со освојувањето на трофејот, треба да оствари приход од приближно 150 милиони евра, што е највисока сума досега за еден клуб во сезоната на Лигата на шампионите.
Само со пласманот во финалето, и Интер и ПСЖ ги надминаа минатогодишните вкупни заработки на Реал Мадрид, кој ја освои Лигата на шампионите и заработи 138,8 милиони евра.
Финалистите за оваа сезона веќе ја преминаа границата од 135 милиони евра. Интер имаше поголема заработка во групната фаза благодарение на поголемиот број победи, додека ПСЖ ја надомести таа разлика преку резултатите во нокаут фазата.
Клубот што ќе победи вечерва ќе добие дополнителни 10,5 милиони евра, вклучувајќи четири милиони евра поврзани со настапот во Суперкупот на УЕФА против Тотенхем, победникот на Лига Европа.
Вкупните приходи на клубовите што учествуваа во Лигата на шампионите и Суперкупот изнесуваат 2,4 милијарди евра.
Иако бројот на учесници се зголеми од 32 на 36, се зголеми и просечниот приход по клуб. Во претходната сезона беа распределени вкупно две милијарди евра.