Top Sport

ПСЖ има проблем, нема како да го продаде, ако Мбапе не сака да си замине

Летниот преоден рок веќе понуди неколку интересни трансфери, пред сѐ на фудбалери кои решија да заминат во Саудиска Арабија. Секако, тука е и заминувањето на Лионел Меси во Интер Мајами.

Но, една трансферна сага продолжува и не се гледа крајот.

Како и во последните неколку години, главни актери се Килијан Мбапе и ПСЖ.

Францускиот напаѓач сѐ уште не го продолжил договорот кој му истекува следното лето, а не го комплетираше трансферот во Реал Мадрид како што се очекуваше. Дојде време да се појави на подготовките за следната сезона, а впечаток е дека никој не сака да го види таму. Така барем пишува шпанскиот весник „Марка“ кој наведува дека раководните луѓе во Париз се бесни на него.

Мбапе ги известил челниците на францускиот шампион дека нема намера да потпише нов договор, но и дека има намера да го заврши тековниот договор што го има и потоа да го напушти клубот како слободен играч. Секако, тоа не им се допаѓа на сопствениците на ПСЖ бидејќи следното лето би го загубиле без да заработат ниту едно евро.
Затоа му поставија ултиматум – или нов договор или ќе биде продаден. Единствениот проблем со таа приказна е што ПСЖ не се прашува дали Мбапе ќе биде продаден. Французинот има договор и никој не може да го принуди на трансфер. Само тој одлучува кога ќе го напушти клубот.

„ПСЖ не може да го принуди Мбапе да направи нешто што не сака. Иако и досега беше јасно, побаравме потврда од ФИФА и работите се навистина такви. Клубот не може да продаде фудбалер на друг клуб ако тој не сака оди таму. Тоа што се прави во НБА со размена на играчи не може да функционира во фудбалот“, пишува „Марка“.

Мбапе има силен финансиски мотив, едноставно сака да го добие бонусот од 150 милиони евра кој ќе го заработи доколку остане во ПСЖ до крајот на актуелниот договор.

Scroll to Top