Пари Сен Жермен, подготвуваат нов трансфер. Откако пред две дена на Зенит им платија 40 милиони евра за Леандро Паредес, во францускиот шампион подготвиле понуда од 50 милиони евра за играчот на Челси, Вилијан.
„Скај Спорт“ пишува дека Вилијан треба да биде замената за сонародникот Нејмар, кој поради повреда на стапалото ќе отсустува најмалку десет недели.
Вилијан беше мета на ПСЖ и во летниот преоден рок, но тој остана во Челси. Сопственикот на „сините“, Роман Абрамович, потоа одбил уште неколку понуди, а во Париз сега биле убедени дека 50 милиони евра ќе бидат доволни за Челси да го прифатат трансферот.
Инаку, како што објавија француските медиуми, во текот на денот, ПСЖ треба да потпише договор со 24-годишниот Аргентинец Лусијано Акоста. Трансферот е тежок девет милиони евра.
Акоста во Париз ќе пристигне од САД, каде ги бранел боите на Ди Си Јунајтед.
Преодниот рок во Франција завршува вечерва на полноќ.