Пари Сен Жермен на Арсенал им понудиле 20 милиони евра за Арон Рамзи, тврди „Лекип“. Велшанецот има договор со Арсенал до крајот на сезоната, поради што во Лондон биле подготвени да ја прифатат понудата од Париз.
Пари Сен Жермен се во потрага по играч од редот за врска, откако Адријен Рабиот е ставен на маргините, бидејќи одби да ја продолжи соработката.
Челниците на клубот од „Паркот на принцовите“ најпрвин испратиле понуда во Вотфорд за Абдулај Дукуре, која експресно била одбиена. Откако биле одбиени за Дукуре тие се свртиле кон Рамзи.
„Лекип“ пишува дека Пари Сен Жермен на Велшанецот ќе му понудат 18-месечен договор. Интерес за Рамзи покажуваат и челниците на Јувентус, но тие би чекале до јуни, кога би можеле да го потпишат без да платат обесштетување.