Пари Сен Жермен го објави списокот на играчи што ги носи во Јапонија на подготовки, а на него ја нема најголемата ѕвезда на клубот, Килијан Мбапе. Парижаните со сите сили се обидуваат да се ослободат од 24-годишниот Французин ова лето откако им стана јасно дека тој сака да замине бесплатно следната година.
ПСЖ не сака ни да размислува за можноста да остане без таков играч и да не добие отштета за него. Затоа, раководството на клубот донесе конечна одлука дека Мбапе отсега и дефинитивно е на продажба. ПСЖ се обидува да испрати порака дека ниту еден играч не е над клубот.
Се очекува многу клубови да контактираат со парижаните за Мбапе, а најконкретни досега беа релациите со Реал Мадрид. Мбапе е во ПСЖ од 2017 година, кој за него на Монако му плати 180 милиони евра.