Пари Сен-Жермен има листа од 11 „непожелни фудбалери“ од кои се обидува да се ослободи ова лето, и се однесува безмилосно кон нив, тврди францускиот весник „Ле паризиен“.
Џиџи Вајналдум, Андер Ерера, Ириса Геј, Лајвин Курзава, Абду Дијало, Леандро Паредес, Данило Переира, Жуниор Дина Ебимбе, Јулијан Дракслер и Мауро Икарди се на листата на фудбалери на кои не смета новиот тренер Кристоф Галтие и за кои се бара купувач, а на листата од неодамна е и Германецот Тило Керер, кој бил пратен да тренира со младинскиот тим на ПСЖ. 25-годишниот Керер, кој лани стартуваше во 16 меч за ПСЖ, пристигна во Париз од Шалке во 2018 година за 31 милиони фунти.
Галтие претходно најави дека е потребно „кратење“ на тимот.
„Мислам дека бројот на играчи мора да биде намален и зборувавме за тоа во клубот. Не можете да имате сезона со фудбалери кои речиси не играат. Тие се несреќни и треба да најдеме вистинска големина на составот за оваа сезона“, изјави Галтие.