Најавите велеа дека ултрасите на Пари Сен-Жермен денеска ќе го пречекаат со свирежи Лионел Меси. На крајот, целиот тим на Пари Сен-Жермен ги заслужи свирежите откако загубија со 0:2 на „Паркот на принцовите“ од Рен. Со газдата Насер Ал-Хелаифи, но и со Ким Кардашијан на трибините, ѕвезденото дуо на ПСЖ, Меси и Килијан Мбапе беа немоќни против четвртопласираниот тим.
По уште една разочарувачка елиминација во Лигата на шампионите, ПСЖ речиси сигурно ќе ја освојат француската титула, но со вакви мечеви сигурно нема да ја вратат довербата на навивачите.
Откако во 23. минута беше поништен голот на Килијан Мбапе пораи офсајд, гостите стигнаа до водство преку Карл Токо Екамби во самиот финиш на полувремето. Наместо во второто, ПСЖ да тргне по победа, во 48. минута од мечот младиот Арну Калимуендо повторно го совлада Џиџи Донарума.