Фудбалерите на Кадиз освоија важни бодови во борбата за опстанок. На домашен терен, Кадиз го победи Рајо Ваљекано со 1:0.
Стрелец на победничкиот гол за Кадиз беше Серхио Гвардиола во 74. минута. Гвардиола, минатата сезона како позајмен играч го носеше дресот на Рајо Ваљекано.
Рајо Ваљекано го заврши натпреварот со играч помалку, бидејќи Алехандро Катена доби втор жолт картон во седмата минута од судиското надополнување. Македонскиот репрезентативец Столе Димитиревски го одигра целиот меч за Рајо Ваљекано.
Кадиз ја забележа шестата победа во првенството и со 25 бода ја зазема 14. позиција. Рајо Ваљекано е на шестото место со 34 бодови.
Во следното коло Кадиз му гостува на Реал Сосиедад, додека Рајо Ваљекано ќе го пречека Атлетик Билбао.