Нов ден, нови проблеми за Пол Погба во Манчестер јунајтед. По постојаните написи дека францускиот фудбалер има голем конфликт со менаџерот Жозе Мурињо, сега „Тајмс“ тврди дека главен проблем е неговиот менаџер Мино Рајола.
Погба не го стартуваше мечот од Лигата на шампиони на гостувањето во Севилја, но сепак, влезе во игра откако се повреди Андер Ерера, и останува нејасно дали Мурињо ќе го избере за дербито против Челси во недела.
Шпекулациите дека Рајола веќе му бара нов клуб на Погба сега се потврдени од „Тајмс“, кои во детали опишуваат дека менаџерот и шефовите на Јунајтед се во постојан конфликт.
„На официјалните лица на Јунајтед сè повеќе им пречи однесувањето на Мино Рајола и неговите реакции на тоа што Пол Погба не игра. Еден од повисоките шефови во Јунајтед вели дека Рајола носи негативно и попречно влијание на тренинзите во Керингтон со пораката до Жозе Мурињо каде да игра Погба. Такво ’мешање’ може да придонесе Јунајтед воопшто повеќе да не работи со Рајола и неговите фудбалери“, вели анонимниот извор за „Тајмс“.
Погба не е единствениот клиент на Рајола со проблеми во Јунајтед. Хенрик Мхитарјан сега си замина во Арсенал, додека Златан Ибрахимовиќ и Серхио Ромеро можеби имаат само уште по неколку мечеви на „Олд Трафорд“ пред да заминат. Еден играч на Рајола, сепак, останува во Јунајтед на долги патеки – Ромелу Лукаку.