Иако изјави дека иднината на Пол Погба е врзана со Манчестер јунајтед, неговиот агент, контроверзниот Мино Рајола во интервју за италијанскиот весник „Ла република“ имаше само лоши зборови за „Ѓаволите“.
„Манчестер јунајтед се клуб на моментот, без вистински спортски проект. Тие би можеле да уништат кариери на фудбалери како Марадона, Пеле и Малдини. На Пол му е потребен тим каков што му беше претходниот“, вели Рајола.
Тој исто така не е импресиониран ниту од италијанските клубови, велејќи дека Ерлинг Халанд не би бил добар за „старата дама“.
„Не отиде во Јуве бидејќи не е дефанзивец и не е Де Лихт, кој во Холандија две години беше капитен. Италијанците не знаат да го користат сопствениот талент, а не странскиот. Се среќавав со италијански скаути кои се чудат ако видат некој силен тинејџер. Им велам: ’Џабе, нема да го пуштите да игра’“, додава супер-менаџерот.