Top Sport

Ракип пред деби во националниот тим: Голема е честа што ќе играм за Македонија

Фудбалерот на шведски Малме – Ердал Ракип (25) ќе конкурира за настап на натпреварите на македонската фудбалска репрезентација против Лихтенштајн и Германија. Фудбалерот кој настапува во средниот ред во изјава за официјална страна на ФФМ вели дека чест е да се игра за Македонија.

„Првпат пред неколку години Благоја Милевски ми понуди да играм за Македонија. Во тој период ми требаше време да размислам. За мене е голема чест што добив понуда да играм за репрезентацијата на Македонија и донесов одлука дека сега е вистинскиот момент да прифатам. Разговаравме со моето семејство и среќен сум што ќе играм во дресот на македонската репрезентација. Македонија е домот за моето семејство и одлуката сега воопшто не беше тешка. Селекторот и соиграчите ми помагаат во адаптацијата на новата репрезентативна средина. Разговараме и се обидуваме да се запознаеме подобро“ изјави Ракип.

Тој е задоволен од игрите на нашиот национален тим.

„Оваа селекција игра добар фудбал, во тимот има многу млади фудбалери кои формираат одлична екипа. Јас имам 25 години, сметам дека веќе сум во зрели фудбалски години и мислам дека во следните неколку години ќе напредуваме. Се обидувам да се вклопам во тимот, но без наметнување, туку улогата да си дојде сама по себе“ вели тој.

Ракип верува дека ќе издвојуваме победа против Лихтенштајн, но напоменува дека треба да се одигра максимално во текот на сите 90 минути.
Фото: ФФМ

Scroll to Top