Еден од најдобрите хрватски фудбалери, Иван Ракитиќ, изјавил дека би сакал во финалето на светското првенство Хрватска да игра против Србија.
Ракитиќ е поранешен соиграч и добар пријател со селекторот на српската репрезентација, Младен Крстајиќ. Ракитиќ на почетокот на својата кариера играше во Шалке во чии редови, во тоа време, Крстајиќ беше голем авторитет.
„Секако дека би сакал да играме финале против Србија. Атмосферата би била фантастична, а во еден таков меч да играш против свој пријател, кој толку многу ми помогнал во животот и во кариерата, би било навистина убаво3, рекол за „Вечерњи лист“, играчот на Барселона.
„Подобро го познавам Младен Крстајиќ од нашиот селектор, го познавам подобро од сите мои досегашни тренери. Младен за мене е…не би рекол брат, бидејќи е повозрасен од мене, би рекол дека е дел од моето семејство. Тој е мој!“, рекол Ракитиќ.
Хрватска на СП во Русија ќе игра во Д-групата против Аргентина, Нигерија и Исланд, додека ривали на Србија, во Е-групата, ќе бидат Бразил, Костарика и Швајцарија.