Поранешниот дефанзивец на Милан, Адил Рами вели дека би можел и тој еден ден да стане тренер бидејќи не може да биде полош од „апсолутната катастрофа“ Филипо Инзаги.
Французинот работеше под „Супер Пипо“ во текот на сезоната 2014/15, но воопшто не беше импресиониран од сегашниот тренер на Болоња. Во интервју за „Л’Екип“ тој е брутално искрен.
„Искрено, потајно мислам дека нема да имам проблем да станам тренер. Ќе почнам да учам и ќе видиме што ќе се случи. Можеби не во Марсеј, бидејќи не сакам да ја загубам косата. Имав среќа да работам со фантастични тренери: Руди Гарсија, Дидие Дешам, Унаи Емери, Лорен Блан, Кларенс Сидорф… Кога ќе ги погледнам нив знам дека нема да биде лесно да ги стигнам, но благодарение на Филипо Инзаги си велам дека и јас можам, бидејќи тој беше апсолутна катастрофа“, вели Рами.