Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос смета дека Ерлинг Халанд ќе биде „полесно“ да се донесе на „Сантијаго Бернабеу“ од Килијан Мбапе, сметајќи дека напаѓачот на Борусија Дортмунд е идеална летна цел за „кралевите“.
И Халанд и Мбапе беа поврзувани со трансфер во Реал, каде што Зинедин Зидан ќе има одреден буџет по „штедењето“ минатото лето да донесе долгорочен наследник на Карим Бензема, кој во декември наполни 33 години. Рамос вели дека двајцата напаѓачи, 22-годишниот Мбапе и 20-годишниот Халанд се совршени за Реал, но дека Халанд е финансиски „пореалната“ опција.
„Халанд или Мбапе? Да бев тренер ќе ги сакав двајцата во мојот тим, но тренерот не носи играчи. Можеби поради сегашната ситуација со корона вирусот, полесно ќе биде да се дојде до потписот на Халанд. За Мбапе се зборува како за наследник на Кристијано и Меси, така што работите се покомпликувани. Никогаш не е лошо да се засилите со добра деветка како Халанд, кој има тоа што го немаме: брзина, глад, височина…“, вели Рамос.