Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос одговори со сарказам на тврдењето дека голманот на Ливерпул имал потрес на мозокот по нивниот дуел во финалето на ЛШ и затоа прими два „смешни“ гола подарувајќи му на Реал 3:1 победа и трета европска титула едноподруго.
Рамос беше осликан како „злосторник“ на финалето откако Мохамед Салах доби изместено рамо по еден дуел со шпанскиот дефанзивец, а сега се тврди дека Кариус добил потрес на мозокот по ударот од Рамос. Шпанецот вели дека шпекулациите стануваат смешни.
„Проклетство, многу дадоа на значење на работата со Салах. Не сакав да зборувам за тоа бидејќи сѐ се гледаше под лупа. Јас гледам на ситуацијата многу јасно – тој ја грабна мојата рака прво и падна на другата страна. Повредата е на другата рака, и велат дека сум му направил џудо-зафат. Сега велат дека сум му ја помешал главата на голманот со судар. Единствено што недостасува е да кажат дека Фирмино настина бидејќи мојата пот капна на него“, вели Рамос за „Куатро“.
Тој инсистира дека Салах можел да продолжи да игра во мечот ако добил инјекција против болки.
„Зборував со Салах преку СМС-порак и тој е добар. Можеше да продолжи да игра ако добиеше инјекција за второто полувреме, како што јас сум правел некогаш. Но, кога Рамос ќе направи такво нешто, тогаш веднаш е голема работа. Не знам дали се работи бидејќи сум во Реал толку долго што луѓето гледаат така кон мене“, се правда Шпанецот.
Дали Салах сам е виновен за повредата по која сепак ќе биде во Русија? (видео) (ОБНОВЕНО)