Ралф Рангник ги предупреди навивачите на Манчестер јунајтед да не очекуваат чуда, откако стана петтиот човек кој го наследил Сер Алекс Фергусон со очекувања за „препород“ и нова „златна ера“, по Дејвид Мојс, Луис ван Гал, Жозе Мурињо и Оле Гунар Солскјер.
63-годишниот Германец признава дека клубот мора да се адаптира за да го заддржи темпото со два клуба предводени од негови сонародици, Ливерпул (Јирген Клоп) и Челси (Томас Тухел), но посочи дека тоа нема да биде на штета на филозофијата на клубот со фокус на млади фудбалери и напаѓачки фудбал.
„Се работи за вистински засилувања, но и за тоа секоја година да имаме фудбалери од академијата доволно добри да бидат во првиот клуб. Едната работа не ја поништува втората. Се надевам дека ќе најдам стан во следните три-четири дена, за мојата партнерка да може да се пресели. Се надевав дека ќе се сретнам со Сер Алекс, но тој само што се врати од Њујорк во четвртокот и мора да остане во карантин. Јас секогаш сум голем оптимист, но морам да бидам и реален. Пред пет недели, нашиот тим загуби со 5:0 од Ливерпул, и да бидеме искрени можеше да има повеќе голови. Против Сити беше 2:0, исто така можеше да биде и полошо. Беше важно да освоиме поен кај Челси, но перформансите? Тие имаа 24 удари на голот, ние имавме 3. Во моментов не е реално да ги предизвикаме врвните премиерлигашки клубови во следните недели или месеци. Не можам да ги направам нашите играчи чудовишта за две, три, четири недели“, објаснува Рангник.
Тој се спореди со Клоп и со Тухел.
„Со Јирген се знам од 1997 и секогаш имавме добри односи. Тој ми се јави пред својата прва тренерска работа во Мајнц и ме праша колку плата да побара, бидејќи немаше агент. Кога му кажав ми одговори: ‘Ах, тоа не премногу?’. Со Томас е поинаку. Тој ми беше фудбалер во Улм, но само шест месеци бидејќи мораше да ја заврши кариерата поради повреда. Две години подоцна во Штутгарт, го прашав дали сака да стане тренер на У-15 тимот и тоа беше неговиот почеток. Тоа што го направи за четири месеци со Челси со освојувањето на титулата во Лигата на шампионите беше неверојатно. Не можам да кажам дека очекувам такво нешто да се случи со мене“, додава Рангник.