Преодниот менаџер на Манчестер јунајтед, Ралф Рангник даде изјава која сигурно нема да им се допадне на навивачите на „ѓаволите“, посочувајќи дека тие треба да учат од своите градски ривали Манчестер сити пред неделното дерби.
Откако избегна прашања за сопствената иднина, Рангник посочи дека Јунајтед мора да научи лекција од тоа како Сити и Ливерпул се развиваат последните години.
„Мојот фокус беше, и уште останува, на развивање на сегашниот тим и извлекување на максимумот од оваа сезона. Но, Сити и Ливерпул имаат постојаност и конзистентност кај своите тренери во последните пет-шест години. Јасен идентитет како тимови и како сакаат да играат. Го знам Јирген Клоп лично и го знам Пеп Гвардиола од неговото време во Германија. Двајцата имаат точна идеја како сакаат да играат. Тоа е тајната на нивниот успех. Знаат како сакаат да играат, имаат корпоративен идентитет. Не само за новите играчи. Тоа е слично кај сите врвни клубови и нешто што мора да се развива во Манчестер јунајтед“, вели Германецот.