Ралф Рангник го доживеа својот прв пораз на клупата на Манчестер јунајтед, откако во крајно разочарувачки меч загубија од Вулверхемптон со 0:1, предавајќи им на „волците“ прва победа на „Олд Трафорд“ од далечната 1980 година.
Наместо контрола на играта и на топката, за што беше фален германскиот стручњак, Јунајтед изгледаа изгубени, посебно во првото полувреме, кога дозволија противниците да упатат дури 14 удари на голот. По поразот, немаше време за правдање.
„Многу сум разочаран, како и сите фудбалери. Знаевме дека ќе биде компликувано против Вулфс, кои играат со пет во одбрана и се флексибилни во средниот ред. Во првото полувреме постојано се мачевме, губевме премногу лесни топки, правевме грешки на секој чекор. Затоа и ја сменив играта на три одзади. 35 минути имавме повеќе контрола и не успеавме да дадеме гол, кој ќе ни донесеше пбоеда. Денеска покажавме исти проблеми кои ги имаше тимот три или четири недели пред да пристигнам. Не е лесно да се направи ДНК за игра со и без топка. Мечот покажа дека имаме многу чекори напред“, вели Рангник.
Тој не сакаше да предвидува дали Јунајтед ќе успеат да влезат во топ 4.
„Како да го гарантирам тоа? Видете ги перформансите денеска и ако кажам дека сум 100 отсто сигурен дека ќе бидеме во топ 4, знам дека никој нема да ми поверува. За мене е најважен следниот чекор и подобрување на тимот“, додава Германецот.
Роналдо капитен – „волците“ ги изедоа Јунајтед првпат од 1980!