Top Sport

Роналдо капитен – „волците“ ги изедоа Јунајтед првпат од 1980!

Надежите на фановите на Манчестер јунајтед дека со пристигнувањето на Ралф Рангник на сцена ќе се појават некои нови „ѓаволи“ полека стивнуваат, откако во крајно разочарувачки меч тие успеаја да загубат од Вулверхемптон со 0:1, и да дозволат „волците“ првпат од 1980 година да слават на преполниот „Олд Трафорд“.

Со Кристијано Роналдо како капитен на местото на повредениот Хери Мегваер (првпат по 14 години), и со повратникот во клубот по егзодус од две години, Фил Џонс во одбраната, имаше совршена сцена за една незаборавна јануарска вечер во Манчестер, но наместо тоа, повторно се јавија сите грижи за играта на нивнтие миленици.

Првото полувреме посебно беше слабо за Јунајтед – дозволија „волците“ да ја контролираат играта, и да упатат неверојатни 15 удари на голот на Давид де Хеа, најмногу на еден гостински тим на „Олд Трафорд“ од 2013 година. Но, Вулверхемптон не успеаја да ги искористат сите свои шанси, пред во второто полувреме, иако Јунајтед го кренаа нивото со влегувањето на Бруно Фернандеш, кој ја погоди пречката, конечно да го дочекаат својот момент во 82. минута, кога Жоао Мутињо со удар од далечина го матираше Де Хеа.

Јунајтед остануваат на седмото место на табелата со само 31 поен, четири зад четвртопласираниот Арсенал, додека Вулфс сега се осми со 28 поени.

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top