Пол Погба би требало да се врати во составот на Манчестер јунајтед следниот месец, потврди преодниот менаџер Ралф Рангник, кој вели дека е импресиониран од тоа што го видел на тренинзи од него и дека тоа е одлично за иднината.
Погба нема играно од почетокот на ноември, кога се повреди додека беше со француската репрезентација, и шпекулациите велеа дека тој веќе нема да заигра за „ѓаволите“, бидејќи договорот му завршува во текот на летото и наводно од клубот не му понудиле продолжување.
Но, 28-годишниот Французин се врати на тренинзи во понеделникот и Рангник бил импресиониран.
„Погба го помина првиот ден тренинзи со целата група и покажа колку посебен играч може да биде. Нема да биде достапен на следните два меча против Брентфорд и Вест хем оваа недела, но по интернационалната кога имаме меч против Мидлзборо и лигашки меч против Барнли ќе биде опција. Не знам за неговиот договор и не можам да дадам одговор бидејќи јас не сум одговорен за тоа и не преговарам со играчите. Но, од првиот ден на тренинг, тој беше физички и ментално присутен. Тоа што го видов беше ветувачки за иднината и едвај чекам да го имам достапен за две недели“, вели Рангник.