Клаудио Раниери (73) ја одбил понудата да биде селектор на италијанската репрезентација по заминувањето на Лучијано Спалети (66).
„Му се заблагодарувам на претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина, за оваа можност. Тоа е голема чест, но по внимателно разгледување, решив целосно да останам на располагање на Рома во мојата нова улога“, рече Раниери.
„Фридкинс (сопствениците на Рома) ми дадоа целосна поддршка за секоја одлука што би ја донел во врска со националниот тим, но ова е исклучиво моја одлука“, додаде Раниери.
Раниери, кој во својата кариера ги водеше Интер, Јувентус, Атлетико Мадрид, Челзи, Лестер, со кого ја освои титулата во англиската Премиер лига во 2016 година, и Монако, неодамна ја презеде улогата на стратешки советник на американските сопственици на Рома.
Минатиот ноември ја прекина пензијата за да ја спаси Рома, која се мачеше во Серија А. Раниери беше фаворит да го наследи Спалети, кој последен пат ја водеше италијанската репрезентација во победата од 2:0 над Молдавија во понеделник.