Италијанскиот третолигаш Равена заработи 199.000 евра од продажба на билети за натпреварот од Серија Ц против Форли, на кој настапи бразилската фудбалска легенда Роналдињо.
Настанот на стадионот Бенели се претвори во глобален спектакл со телевизиски преноси во бројни земји, што е исклучително ретко за клубови од ова ниво.
Клубот потврди за „Фудбал Италија“, дека на неделниот натпревар е забележан приход од 199.000 евра, а на стадионот се собрале 6.743 гледачи.
Поради големиот интерес, капацитетот на стадионот Бенели беше привремено зголемен со инсталирање на нова трибина, симболично наречена „Трибина Р10“ во чест на бразилскиот фудбалер.
Цените на билетите се прилагодени на настанот. Најскапите седишта во ВИП секторот се продаваа за 150 евра, додека оние со годишни билети плаќаа 15 евра. Влезот за деца под 14 години беше 10 евра.
Роналдињо беше во почетниот состав и го одигра целото прво полувреме. На паузата, тој ја поздрави публиката, што во неговата 46-та година веројатно беше неговото последно збогување со активниот фудбал.
Foto/ Depositphotos
