Европските шампиони Реал Мадрид ќе добијат околу 50 милиони евра без да одиграат ниту еден меч во Лигата на шампионите следната сезона, по новиот систем за прераспределба на средствата од елитното натпреварување на УЕФА.
УЕФА потврди дека 2.04 милијарди евра ќе бидат разделени на тимовите кои ќе се натпреваруваат во сезоната 2018/19, секако со различни суми, иако критичарите сметаат дека со ова богатите ќе стануваат побогати, а посиромашните посиромашни.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин признава дека постојат нееднаквости, но новиот договор беше одобрен во 2016, пред неговиот избор на челото на европската куќа на фудбалот.
Парите за следната година ќе се распределуваат со стартна исплата, плус бонуси за победи, коефициент за претходните услови и пари од ТВ-преносите. Коефициентот се пресметува за последните 10 европски сезони и поради тоа најголемите европски клубови ќе добиваат најмногу – за оваа категорија се одвоени 585.05 милиони евра и ќе бидат поделени во „акции“ од 1.108 милиони евра.
Од 32-та клуба во групната фаза, најнискорангираниот ќе добие една „акција“, додека највисокорангираниот ќе добие 32 акции или 35.46 милиони евра. Реал Мадрид, како шампиони, се на првото место пред Барселона, Баерн Минхен, Атлетико Мадрид, Манчестер јунајтед, Челси, Јувентус, Порто, Арсенал и Бенфика. Сите 32 тима во групната фаза добиваат и стартни 15.65 милиони евра, што значи дека Реал пред почетокот има гарантирани 51.11 милиони евра.
Тимовите добиваат по бонус од 2.7 милиони евра за секоја победа, и 900.000 евра за реми. Бонус од 9.5 милиони евра се добива за пласман во наредната фаза.
За разлика од овие астрономски суми, клубот кој ќе биде елиминиран во третото квалификациско коло ќе добие од 480.000 до 1.37 милиони евра во зависност од тоа колку кола имаат одиграни.
УЕФА очекува од ЛШ, Лигата на Европа и Суперкупот да добие приход од 3.25 милијарди евра.