Фудбалерите на Реал забележаа уште една лесна победа во домашниот шампионат. Во третото коло, Реал го совлада градскиот ривал Леганес со 4.1.
Реал игра во голема форма од почетокот на сезоната и барем засега воопшто не се чувствува заминувањето на Кристијано Роналдо. Играта во нападот ја предводат Карим Бензема и Герет Бејл, кои на Леганес му дадоа три гола.
Бензема во првите три кола има постигнато четири гола, Бејл гол помалку, но Велшанецот беше стрелец на сите натпревари.
Серијата голови во Мадрид ја отвори Бејл во 17.минута, а само седум минути подоцна Леганес израмни од пенал, што го реализираше Карињо.
Во второто полувреме Бензема постигна два гола, во 50. и 61.минута, а точка на натпреварот стави Серхио Рамос од пенал во 66.минута.
Реал во наредното коло гостува во Билбао, додека Леганес ќе го пречека Вилјареал.