Top Sport

Реал и Сити треба да си ги потврдат местата во четвртфиналето

Фудбалерите на Реал Мадрид и Манчестер сити, вечерва, треба да го потврдат пласманот во четвртфиналето, во Лигата на шампионите, односно да им се приклучат на ПСЖ и Баерн Минхен, кои синоќе обезбедија место во Топ 8.

Во првиот натпревар од осминафиналето кој се одигра на 13 февруари во Германија, Реал го победи Лајпциг со 1:0.

По триумфот против Лајпциг, „кралскиот клуб“ одигра три натпревари во шпанската Ла Лига, два пати ремизираше и запиша една победа. Реал е прв на табелата во Ла Лига со 66 бодови.

„Ќе мораме да ја покажеме нашата најдобра верзија. Работата се уште не е завршена. Го анализиравме првиот натпревар, видовме каде бевме добри, но и каде треба и можеме да се подобриме. Мислам дека сме подготвени. Лајпциг е многу опасен тим“, изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.

На последните три натпревари во Бундес лигата Лајпциг оствари две победи и еден пораз. Лајпциг е на петтото место на табелата во Бундеслигата со 43 бодови.

„Уверени сме дека можеме. Дојдовме во Мадрид со верба дека ќе постигнеме феноменален резултат. Ни треба малку среќа, но можеме да ги раздвижиме работите. На првиот натпревар му покажавме на Реал дека можеме да играме со нив. Подготвени сме да го покажеме тоа повторно“, истакна тренерот на Лајпциг, Марко Розе.

Фудбалерите на Манчестер сити на „Етихад“ во реваншот од осминафиналето ќе го пречекаат тимот на Копенхаген.

Во првиот натпревар, кој се одигра на 13 февруари во Копенхаген, актуелниот европски првак победи со 3:1.

Манчестер Сити забележа четири победи и едно реми во последните пет натпревари во сите натпреварувања. Моментално е на второто место на табелата во Премиер лигата со 62 бода.

Во последните три дуели во данската Суперлига, Копенхаген оствари две победи и еден пораз.

Копенхаген е трет на табелата во данскиот шампионат со 39 бодови.

Scroll to Top