Top Sport

Реал Мадрид не може да се „ослободи“ од Герет Бејл

Надежите на Зинедин Зидан и Реал Мадрид дека ќе успеат да го продадат Герет Бејл ова лето изгледаат минимални, откако никој не е подготвен да даде висока понуда за Велшанецот, кој иронично се подготвува да ја стартува пред-сезоната со „кралевите“.

Откако веќе купија пет нови фудбалери во летниот преоден рок, во Мадрид знаат дека ќе мораат да се ослободат од дел од своите фудбалери – во моментов имаат 37 фудбалери во првиот тим, од кои речиси една третина се на „пазарот“.

Марко Љоренте веќе се пресели во градскиот ривал Атлетико Мадрид, додека Матео Ковачиќ најверојатно ќе го направи престојот во Челси постојан, шпекулациите велат дека Тео Ернандез сака во Милан, но за другите фудбалери нема голема заинтересираност.

Главен проблем, секако, е Герет Бејл – Зинедин Зидан нема намера да го поставува во својот тим, нешто што јасно го кажа на крајот на сезоната. Од друга страна, високата плата која ја добива Бејл ги одбива и заинтересираните за позајмица, а Велшанецот на крајот на сезоната изјави дека е „подготвен да игра голф“ ако не му даваат место во тимот, но нема да побара трансфер.

Бидејќи нема надежи за брзо решение, се верува дека Бејл ќе биде дел од составот кој на 8 јули ќе замине во Монтреал.

Scroll to Top