Реал Мадрид поставиле рок до 15 јуни да се договорат за трансфер на капитенот на Арсенал, Пјер-Емерик Обамејанг, тврди „Дејли мирор“, посочувајќи дека „кралевите“ ќе го привлекуваат Габонецот со висока плата и со шанса да игра во Лигата на шампионите.
Интересот за напаѓачот на Арсенал трае подолго време, посебно бидејќи неговиот договор завршува на крајот на сезоната, и на крајот тој може да замине од „топчиите“ бесплатно. Арсенал во моментов се само деветти во Премиер лигата со 18 поени зад четвртопласираниот тим на Челси и дури можат да пропуштат и место во Лига Европа.
Мадрид пратиле порака дека доколку до тој термин не склучат договор, ќе побараат напаѓач на друго место, откако тимот на Зинедин Зидан постигна само 49 гола во 27 меча во Ла лига, и има само еден сигурен напаѓач во Карим Бензема, кој даде 14 гола до прекинот на сезоната.
Дел од зделката може да биде фудбалерот од средниот ред, Дани Себалјос, кој е на позајмица кај „топчиите“ и имаше 24 настапи за нив оваа сезона.