Top Sport

Реал се противи на одлуката Барса и Виљареал да играат во Америка

Фудбалскиот клуб Реал Мадрид објави дека се противи на одлуката на ла Лига, натпреварот меѓу Виљареал и Барселона, закажан за 20 декември да биде одигран во Мајами, САД.

Шпанската фудбалска федерација во понеделникот го одобри барањето натпреварот од лигата помеѓу Виљареал и Барселона да се игра на американска почва.

Федерацијата ќе побара дозвола од Европската фудбалска унија (УЕФА) и Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА). Виљареал им вети на своите навивачи кои имаат сезонски билети за оваа сезона бесплатно патување и билети за натпреварот.

Натпреварот од 17-то коло од шпанското првенство помеѓу Виљареал и Барселона ќе се игра на 20 декември на стадионот „Хард Рок“.

Реал објави дека презел мерки за да спречи натпреварот да се одигра во Америка. Клубот тврди дека дуелот може да му наштети на интегритетот на натпреварувањето и на легитимноста на резултатите.

„Мерката, која беше донесена без претходно известување или консултација со клубовите што учествуваат во натпреварувањето, го нарушува основниот принцип на територијален реципроцитет, кој се применува по принципот еден натпревар дома, еден во гости, нарушувајќи ја конкурентската рамнотежа и давајќи им неоправдана спортска предност на клубовите, кои го поднеле барањето“, се вели во соопштението на Реал.

Реал оцени дека натпреварот во САД би поставил „неприфатлив преседан што отвора врата за исклучоци врз основа на неспортски интереси, јасно влијаејќи на спортскиот интегритет и ризикувајќи фалсификување на натпреварувањето“.

„Доколку овој предлог се спроведе, неговите последици би биле толку сериозни што би претставувале пресвртница во светот на фудбалот“, се наведува во соопштението на „кралскиот“ клуб.

Реал побара од УЕФА, ФИФА и спортските управни тела во Шпанија да не дозволат натпреварот да се одигра во САД.

Од Реал сметаат дека Барселона и покрај тоа што треба да биде гостин ќе биде во голема предност и дека тие три бода можат да влијаат на конечниот изглед на табелата. Од Мадрид напоменуваат дека како домаќин на својот стадион Виљареал е еден од најтешките противници во лигата.

Ова е само продолжение на „војната“ што Реал ја води против шпанската Ла Лига веќе една година.

Scroll to Top