Иако неодамна претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез изјави дека не „тргнале“ по Ерлинг Халанд бидејќи за него не би имало место во стартните 11 на „кралевите“, шпанскиот весник „АС“ тврди дека тие имаат план да го добијат Норвежанецот во иднина со активирање на клаузула во неговиот договор.
Норвежанецот само што потпиша за Манчестер сити, откако англискиот шампион ја плати клаузулата од 51 милиони фунти во неговиот договор со Борусија Дортмунд, носејќи го Халанд во клубот каде што играше и неговиот татко. Меѓутоа, во новиот договор на Халанд има клаузула од 150 милиони евра, која според „АС“ е прифатлива за Перез и Реал во следните две сезони, кога би требало да најдат постојана замена за Карим Бензема.
34-годишниот Бензема само што ја заврши најдобрата сезона во 13-те години на „Бернабеу“ со 44 гола во само 46 меча за да помогне за освојувањето на титулите во Ла лига и во Лигата на шампиони.