Top Sport

Реал во „војна“ со Шпанската федерација: Ова е „Негреира лига“

Фудбалската федерација на Шпанија одговори на обвинувањата и критиките од Реал Мадрид за, како што тврдат од шпанскиот и европскиот шампион, неправедно судење на нивна штета. Да потсетиме, ситуацијата во нарушениот однос меѓу Реал и Федерацијата ескалира по натпреварот против Еспањол.

Екипата од Барселона победи со 1:0 во 22. коло од шпанската Ла Лига, со голот на Карлос Ромеро во 85. минута од натпреварот. Ситуацијата која предизвика најмногу полемика се случи во 60. минута кога Ромеро, стрелецот на подоцна победничкиот гол, го фаулираше Килијан Мбапе, за што доби жолт картон, а од Реал тврдат дека фудбалерот на Еспањол требало да биде исклучен.

Реал Мадрид по мечот беше бесен на судиските одлуки, па во понеделникот и официјално се пожали на судиските грешки до Шпанската фудбалска федерација. Во писмото сеј вели дека настаните од мечот против Еспањол „ја преминале секоја граница на човечка грешка или судиска интерпретација“ и дека „таков вид на манипулација повеќе не може да се игнорира“.

Покрај официјалното писмо на Реал Мадрид по натпреварот се огласи и клупската телевизија, во врска со стартот на Ромеро врз Мбапе.

„Ова е агресија која може да повреди играч. Со вакви работи Реал треба да се спарави во оваа валкана Негреира лига. Ако ситуацијата беше обратна, само ќе требаше да ги погледнете сите наслови и сите медиуми“.

„Лигата на Негреира“ е термин кој во Реал се почето го користат, алудирајќи на наводите дека Барселона платила вкупно 8,4 милиони евра на Хозе Марија Енрикез Негреира, поранешниот потпретседател на шпанската судиска комисија и неговата компанија од 2001 до 2018 година.

Негреира, пак, наводно делегирал судии кои одговараат на Барселона. Барселона призна дека платила дел од споменатата сума на компанијата на Негреира, но тврдеше дека барала само видео компилации од судиски перформанси.

Дури 18 од 20-те клубови од Ла Лига издадоа заедничко соопштение во кое изразија загриженост поради откритијата за нечесните практики во Барселона.

Шпанската фудбалска федерација по обвинувањата од Реал се огласи со соопштение во кое се вели дека „длабоко жали за тонот и сериозноста на обвинувања кои го доведуваат во прашање интегритетот на судиското тело и самото функционирање на лигата.“

Од Федерацијата додаваат дека разбираат дека во развојот на професионалниот фудбал може да дојде до несогласувања за некои одлуки, но веруваат и дека сите вклучени работат одговорно и ги почитуваат правилата.

„Судијата е предмет на преглед и анализа, но тоа не смее да доведе до обвинувања за сомневање во интегритетот, што не само што ги засега судиите туку и го поткопува кредибилитетот на самиот фудбал“, велат од Федерацијата.

Scroll to Top