До почетокот на Светското првенство останаа уште две недели, а во Перу веќе владее вистински „хаос“, не поради фудбалот туку поради сликичките на „Панини“.
Перу по пауза од 36 години повторно ќе биде дел од најголемата фудбалска смотра во светот. Перуанците, во последното квалификациско коло го „прескокнаа“ Чиле, а потоа во баражот го елиминираа Нов Зеланд.
Како учесници на мундијалот, репрезентативците на Перу се најдоа и во популарниот албум со сликички на „Панини“. Перуанците сакаат да ги имаат сликичките на своите фудбалски херои.
Во „Панини“ не очекувале дека во Перу ќе има толкав интерес за сликичките. Во првите десет дена, во оваа земја, биле продадени 140 тони пакетчиња и биле купени повеќе од 10.000 албуми во првите 27 минути, откако биле пуштени во продажба.
За споредба, пред четири години кога Перу не избори пласман на СП во Бразил, вкупно биле продаден 40 тони пакетчиња.
Добавувачите ветиле дека ќе сторат се што можат за да ја задоволат побарувачката, а некои извештаи говорат и за тепкачки на местата каде што се продаваат сликичките.
Големата побарувачка за сликички некои се обиделе да ја искористат и во политички цели. кандидатот за градоначалник на Лима, Бетси Кортегана, преку социјалните мрежи, на оние што ќе гласаат за неа им ветила бесплатни албуми и сликички.
Во исто време, полицијата во голема рација, запленила 20.000 албуми чија вредност е проценета на 280.000 евра.
Перу на СП ќе игра против Данска, Франција и Австралија. На 16.јуни противник на Перу ќе биде Данска.