Кога шпанскиот голман Пепе Реина во мај 2018 година одлучи дресот на Наполи да го замени со оној на Милан, го сторил тоа затоа што му било понудено да биде прв голман кај „росонерите“. Со оглед дека тогаш во тек беше „сапуницата“ со заминувањето на италијанскиот чувар на мрежата, Џанџуиџи Донарума на што инсистираше неговиот агент, Мино Раиола, Реина како слободен играч прејде на „Сан Сиро“.
Иако очекуваше дека ќе биде стандарден во Милан, тоа не се случи. Се изјалови заминувањето на Донарума, па Шпанецот остана на клупа.
„Пред година ипол потпипав договор. Ми нудеа место стартер, Донарума требаше да си оди, но тој остана и се се промени. Затоа, се трудев, давав се од себе за да играм, а му помагав и на Џиџи да напредува“ – рече 37-годишниот Реина.
Тој нагласи дека неодамнешниот трансфер во Астон Вила му е можност повторно „да се роди“.
„Верувам дека направив добра одлука со преминувањето во Астон Вила. Премиерлигата е многу силна, дојдов да помогнам, да играм, но и повторно да се почувствувам како фудбалер“ рече голманот кој со тимот од Бирмингем се договори на 6-месечна соработка.
Договорот со Милан му е до летото 2021 година.