До врвот на фудбалската игра стигнуваат мал процент од тие кои почнуваат со прекрасната игра, нешто што совршено се гледа во примерот на Ричард Екерсли, поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, кој имаше чест да игра покрај Кристијано Роналдо, а сега има сопствен бизнис со млеко, објавува „Атлетик“.
„Размислував за моето деби со Јунајтед во 2009. Кристијано Роналдо пак е во Јунајтед, исто како последниот пат кога бев таму. Тренирав со него, а сега сум млекар, продавам овесно млеко. Лудо е. Два различни света. Но, не би се менувал со него. Среќен сум и ја контролирам својата судбина“, вели Екерсли.
Тој дебитираше со Манчестер јунајтед во 2009 година како десен бек, а последниот професионален меч го одигра во Олдам во 2015 година, кога се повреди и не заигра фудбал повеќе. Тој исто така играше и за Барнли, Плимут, Бредфорд, Торонто ФЦ, Њујорк Ред булс и Бјури.
„Олдам немаа пари, ниту амбиции. Јас само што се оженив, имав мало бебе и морав да се повлечам од фудбалот. Ми олесна. Но, имав пари да ги изддржувам само шест месеци или една година. Затоа почнав со бизнисот. Имаме сопствена куќа, градина, и така се храниме. Живееме во место со околу 40 луѓе, и сите се вегетеријанци. Произведуваме 25.000 литри млеко месечно, и имаме 22 вработени. Дали ќе станам најголемиот дистрибутер во Англија? Којзнае? Можеби и Манчестер јунајтед ќе имаат од моето млеко во своите фрижидери еден ден“, додава Екерсли.