Дефанзивецот на Челзи, Антонио Ридигер (29) планира за неколку дена да донесе конечна одлука за својата иднина.Тој му дал рок, на лондонскиот клуб да му понуди нов договор, до крајот на април. Доколку не добие понудата, или ако таа не ги задоволи неговите барања, Германецот ќе бара друг клуб, пишува „Атлетикс“.
Ридигер дефинитивно е клучен одбранбен играч во тимот на Томас Тухел. Сезонава одигра 47 натпревари во сите натпреварувања и постигна пет гола. Неговиот договор истекува на крајот на јуни, кога би можел да стане слободен играч.
Интересот за репрезентативецот на Германија е огромен. Неколку од најголемите европски клубови веќе јавно го канат во своите редови. Фудбалерот веќе имаше неколку интервјуа со заинтересираните страни, но се уште нема потпишано преддоговор со ниту еден клуб. Тој не крие дека сака да остане во Челзи, но под многу подобри услови од оние во актуелниот договор.
Во исто време, на „Стемфорд Бриџ“ владее огромна неизвесност околу новиот сопственик на клубот, па во оваа фаза никој не е подготвен да преземе одговорност за потпишување на нови договори. Затоа е пореално Ридигер да си замине од Челзи.
Како што стојат работите, тој ќе избира помеѓу Реал Мадрид, Пари Сен Жермен, Манчестер Јунајтед и Баерн. Комплетната ситуација ја следат Барселона и Јувентус, но се верува дека нема да ги прифатат високите услови што ги постави Ридигер.