На натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Барселона во финалето на Купот на кралот имаше многу нервоза. На крајот, тимот на Барселона победи по голот на Жил Кунде во 116.минута.
Пред овој натпревар Реал Мадрид не беа задоволни од изборот на Рикардо де Бургос за главен судија на тој натпревар, па дури и се заканија дека нема да го одиграат натпреварот.
Играчите на Реал имаа големи забелешки поради начинот на кој судијата го водеше овој натпревар.
Кон крајот на овој дуел, Антонио Ридигер го загуби трпението, кој од клупата го гаѓаше судијата, а потоа тренерскиот штаб едвај го спречи кога тргна да се пресмета со Де Бургос.
„АС“ пишува дека тој ќе биде суспендиран на најмалку четири, а можеби и 12 натпревари, што е максималната казна за таков испад.
Оваа суспензија ќе важи и за лигашките натпревари, што значи дека Германецот нема да биде на последното Ел Класико од оваа сезона, кое ќе се игра во Барселона како дел од Ла Лига.