Германскиот репрезентативец Антонио Ридигер нема по добро да се сеќава на дербито со Тотенхем, иако Челси излегоа како победници од пресметката со градските ривали (2:0). Ридигер во второто полувреме беше цел на расистички навреди.
Во моментите кога Тотенхем остнаа со играч помалку на теренот, а резултатот беше 2:0 за Челси, навивачите на Тотенхем започнаа да го навредуваат Ридигер. Претходно Германецот беше во дуел со Сон по кој Јужнокореецот доби црвен картон.
Ридигер му се пожалил на својот капитен Аспиликуета, а овој веднаш го известил главниот судија. Потоа официјалниот спикер ги предупредил навивачите да внимаваат како се однесуваат.
Тотенхем поради овој инцидент покренале истрага, а веднаш по натпреварот бил уапсен еден навивач.
Ридигер по победата се огласил на социјалните мрежи.
„Навистина е тажно што постои расизам на фудбалските терени. Мислам дека е важно за овој проблем да се зборува во јавноста, за да не се случи инцидентите да се забораваат по само неколку дена. Знам дека Тотенхем како клуб немаат врска со инцидентот, ова е дело на неколку идиоти. Добив многу пораки од навивачите на Тотенхем, сакам да им се заблагодарам“, напишал на „Твитер“ Ридигер.