Фудбалерите на Риека ја освоија титулата шампион на Хрватска, откако на домашен терен го совладаа Славен Белупо со 2:0, во последното, 36. коло од хрватската прва лига.
Стрелци за Риека беа Нико Јанковиќ во 12-та минута и Тони Фрук во 50-та минута.
Риека заврши на првото место со 65 бода, колку што освои и Динамо Загреб, но Риека во меѓусебниот скор беше подобра. Во последното коло, Динамо го победи Вараждин со 1:0 на домашен терен, со голот на Петар Сучиќ во 38-та минута.
Хајдук Сплит, кој денес на гостински терен го победи Шибеник со 1:0, заврши на третото место со 63 бода.
Риека ја освои втората шампионска титула во Хрватска во историјата на клубот.