Top Sport

Рикелме: Ван Гал требаше да го бакне Меси, а не да го налути

Поранешната аргентинска ѕвезда, а сега потпретседател на Бока јуниорс, Хуан Роман Рикелме вели дека поранешниот холандски селектор Луис ван Гал направил клучна грешка кога го налутил Лео Меси и дека подобро би било да го бакне пред натпреварот на Светското првенство во Катар.

Пред мечот од четврт-финалето во Катар, Ван Гал го критикуваше Меси, велејќи дека тој „не ја допрел топката“ кога Холандија загуби од Аргентина во истата фаза на шампионатот во 2014 година и дека Холанѓаните бараат одмазда. По победата на пенали, Меси беше невообичаено лут, посебно кон сегашниот напаѓач на Манчестер јунајтед, Вут Вегхорст, но и кон Ван Гал, упатувајќи остри зборови.

„Мислам дека Ван Гал го спомена пред мечот. Тоа се работи кои не ги правите во фудбалот. Не го лутите Лео Меси. Подобро одете, гушнете го, бакнете го, за да не сака да ве победи. Кога најдобриот играч е лут, тогаш немате шанси против него. Невозможно. Затоа изјавите на Ван Гал беа добри за нас. Покрај тоа, Меси има предност што кога ќе се налути не оди да прави глупости и да добие црвен картон како многу играчи“, вели Рикелме за „TyC спортс“.

Scroll to Top