Рио Фердинанд во долго и опширно интервју за британскиот „Гардијан“ зборуваше за своите животни навики и за трагедиите кои го погодија во последните години.
Во 2015 година, неговата сопруга и мајката на неговите три деца, Ребека Елисон почина од рак на само 34 години, а во 2017 година, неговата мајка Џенис Сент Форд исто така почина од рак на 58 години. Сега, тој вели дека не прави ништо опасно за да осигура неговите деца да останат барем со еден родител.
Но, 40-годишниот фудбалер од Пекам (местото од каде се и ликовите Родни и Делбој од легендарната хумористична серија „Only Fools and Horses“), вели дека кога ја почнувал кариерата со Вест хем, работите не биле такви.
„Одев по 8 или 10 пива, а потоа вртев на вотка. Можев да пијам цел ден, и потоа да се разбудам следниот ден и да почнам повторно. Дали можете да го правите тоа како професионален фудбалер? Секако! Ако има нешто за што жалам во кариерата е тоа што пиев многу алкохол, иако не пиев повеќе од останатите. Кога бев во Вест хем, делови од таа кариера ми се заматени. Луѓето ќе споменат некои натпревари или перформанси, и јас можам само да вртам со главата бидејќи не знам за што зборуваат. Едноставно, не се сеќавам“, вели Фердинанд.
Сепак, тој додава дека во Манчестер јунајтед културата била поинаква.
„Во Вест хем имаше алкохолизирана култура. Фудбал и пијачка и ноќни клубови. Така живеев тогаш. Во Јунајтед го немаше тоа, но кога ќе дојдеше летото, ќе пиев по две недели. Постојано!“, објаснува Фердинанд.